Во Лондон, во организација на Британската библиотека на 15 и 16 мај се одржа 31-та конференција на директорите на триесет и четири Национални библиотеки од Европа CENL(Conference of European National Libraries. Република Македонија беше претставена од директорот на Националната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски”-Скопје, д-р Иван К. Заров.
На конференцијата се разгледуваа стратешките приритети за развој на асоцијацијата на европските национални библиотеки, нивната взаемна координираност и размена на искуства и знаење, новите тенденции во библиотечното работење и соочување со предизвиците на новото време.
Особено беше подвлечено институционалното место и улога на библиотеката во дигиталното време како модератор и сервис на информации за сите културни, научни и општествени активности, преку креирање на развојни програми и внатрешно трансформирање на библиотеките и постојана едукација на професионалниот библиотекарски кадар, менаџирањето со културното наследство на нови начини и привлекувањето на инвестиции, кои би ги подобриле одржливоста, развојот и квалитетот на библиотечните услуги преку споделување на различните искуства на секоја од европските национални библиотеки.
Во чест на скоро починатиот директор на Данската кралска библиотека Ерланд Колдинг Нилсен, доајен на европската асоцијација на библиотеките беше востоличена награда која го носи неговото име за поттикнување на заеднички проекти помеѓу европските библиотеки.
Ohridnews