Индискиот бизнисмен Субрата Рој вчера отпатува од Охрид, без конкретен договор за амбициозниот проект за изградба на голем туристички комплекс во Љубаништа. Тој изминатите денови имаше бројни состаноци со владиниот тим, на кои бил прецизиран опфатот на локацијата на која треба да никне најголемиот ресорт на природно езеро во Европа.

-Договор не е потпишан бидејќи нормално сето тоа треба да оди низ еден транспарентен процес на објавување на целата таа локација и да се најде соодветен инвеститор кој ќе ги задоволи условите кои ќе бидат поставени во тој оглас. – изјави Виктор Мизо – директор на дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

Тој рече дека во наредните неколку дена ќе биде дефинирана точната квадратура на локацијата, потврдувајќи дека нема да де обезбедува дополнително земјиште, туку проектот ќе се вклопи во првично предвидените параметри.


Виктор Мизо

Според најавите, градежните работи во Љубаништа најрано може да започнат во март следната година. Но, ваквиот оптимизам не го делат жителите на Љубаништа. Нив до сега никој конкретно не ги информирал што ќе се гради на нивните имоти, а дел од нив и не сакаат да го продадат своето земјиште, вели Ѓорѓи Траески, секретар МЗ Љубаништа.

-Дел се сложуваат да ги продатат имотите но поголем дел не сакаат да ги продадат имотите и не се согласуваат со цената за која се говори во јавноста. Сметам дека ќе има многу спорови, ќе биде тешко доколку не се решат имотно правните односи да се реализира овој проект.-изјави Траески.


На просторот каде е предвидено да се гради туристичкиот ресорт голем имот поседува и Дебарско кичевската епархија која неколку пати до сега се изјасни дека не е заинтересирана да го отуѓи земјиштето, но државата се надева дека црквата може да се премисли.

-Засега не е разговарано со МПЦ од причина што сакавме да ги утврдиме конечните граници на опфатот на земјиштето за кое е заинтересиран инвеститоторот. Сега кога тоа го имаме ќе пристапиме кон разговори со МПЦ бидејќи тие поседуваат голем дел од земјиштето и секако е значајно да постигнеме со нив договор околу тоа, верувам дека ќе се најде решение во рамки на постоечките законски прописи.-рече вицепремиерот Зоран Ставрески.


Зоран Ставрески

Граѓаните сметаат дека идејата на Субрата Рој, може позитивно да се одрази на слабиот охридски туризам, но само доколку проектот биде реализиран според светските стандарди и не ја загрози животната средина.

-Убава идеја само да се направи како што треба, а не да се направи колку да се направи, -истакна граѓанин
-Мислам дека тоа е позитивна идеја, меѓутоа треба да се направат елаборати од сите аспекти, да се види оправданоста, дали тоа од еколошка страна е возможно, ако тоа е возможно тогаш би било добро.-вели друг граѓанин.


 
Државата уверува дека проектот „Сахаријан Македонија“ во Љубаништа ќе ги задоволува најстрогите еколошки стандарди и норми на УНЕСКО за што инвеститорот ангажирал еминенти светски стручњаци од областа на заштитата на животната средина.

-Во проектантската компанија ангажирана да го направи мастер планот има доктори на науки од областа на животната средина. Тие директно ги разгледуваа параметрите што е дозволено, а што не е и имаме добиено потврда дека во секој  чекор она што е побарано од нас како држава и она што се меѓународни стандарди кои треба да се исполнат од аспект на заштита на животната средина и УНЕСКО, ќе бидат задоволни бидејќи би претставувало негативност и за самиот проект доколку на било каков начин дојде до нарушување на природното богатство. Од таа гледна точка ќе бидеме стриктни да се задоволат сите оние услови кои се потребни, а тоа инвеститорот планира да го направи. -истакна директорот на дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо.

Според првичните проекции туристичкиот ресорт во Љубаништа ќе се протега на површина од 240 хектари и ќе содржи хотел на вода, марина, вили, луксузни населби и голф терени, чија вредниост се проценува на повеќе стотини милиони евра.

Г. Момироски