Компанијата Магна Мирорс Саут Ист Јуроп денес успешно реализираше практична вежба за евакуација и постапување при земјотрес и пожар во своите производствени капацитети во индустриската зона во Струга.

Во вежбата беа симулирани земјотрес, евакуација на повеќе од 500 вработени, пожар во административниот дел на објектот, како и спасување и згрижување на повредени лица. Активностите беа спроведени согласно Планот за евакуација и процедурите за заштита и спасување.

Во реализацијата на вежбата учествуваа Територијалната противпожарна единица Охрид, Црвен крст Охрид, Здравствен дом Струга, Министерството за внатрешни работи-СВР Охрид, Центарот за управување со кризи и Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) – подрачно одделение Струга, во координација со службите и вработените на компанијата.

Со успешно завршената вежба беше потврдена подготвеноста на вработените и службите за навремено и ефикасно реагирање во услови на вонредни состојби, со цел заштита на животот, здравјето и безбедноста на сите присутни, велат од Магна.

Воедно, посочуваат дека продолжуваат активно да инвестираат во безбедноста и подготвеноста на своите вработени преку редовни обуки и практични вежби.

OhridNews