Туроператорот „Корендон Интернешнал“ воведува трет чартер-лет за Охрид со туристи од Холандија. Овој чартер лет ќе се реализира секој петок во периодот од почетокот на јули до крајот на август, со што бројот на гости од земјите на Бенелукс што годинава ќе дојдат во Македонија се зголемува од претходно планираните 8.500 на над 10.000.

Претставници на  „Корендон Интернешнал“ кој изврши фиксен закуп на хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера, деновиве беа во инспекција на хотелите каде бидат сместени холандските туристи. Според  Асим Меѓедовиќ,  менаџер на „Фибула ер Травел“, партнер на „Корендон Интернешнал“ во Македонија, тие заминале со позитивни впечатоци.

– Оценките се максимално позитивни. На терен видоа висока подготвеност за опслужување на туристите од Холандија, изјави Меѓедовиќ.

Првиот човек на хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) Дончо Танески, посочува дека долгорочното присуство на туристите од Бенелукс во Охрид и Струга, сега единствено зависи од нас самите.

–  Мораме да бидеме свесни во време на голема активност преку интернет, не може ништо да се скрие. Секој коментар, секоја и најситна забелешка преку социјалните мрежи се достапни за сите веќе истиот ден. Тоа значи дека не само партнерите вклучени во проектот, туку и институциите на системот, од инспекциските служби до комуналните служби, а најмногу месното население значи сите ние, мора максимално да се ангажираме во пружање што подобра услуга на гостите и нивна заштита, вели Танески.

Првиот чартер авион со 189 гости од Холандија во Охрид доаѓа на 6 мај.

OhridNews