Во хотел Инекс денес, во организација на министерството за внатрешни работи и Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили, започна со работа Меѓународната конференција насловена „Криминални организации на дрога – Состојбите во ЕУ. На неа учествуваат над  сто претставници од полициите, агенциите за борба против дрога од Македонија, како и од земјите  од регионот, на Европол, Интерпол, 12 држави од Европската унија, од Русија и САД.

Како што потенцира директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Љупчо Тодоровски,  учесниците на конференцијата ќе дискутираат за утврдувањето на новите методи на работа на криминалните организации и утвдување на нивните организациски структури.

– Сознанијата ни се потребни во насока на изготвување квалитена стратегија во борбата против дрогата. Новото преструктуирање на криминалното подземје во Македонија создава нови методи на дејствување. Соодветно на тоа и полицијата презема нови методи за дејствување, како би се блокирале и спречиле таквите активности, изјави Тодоровски.

Целта е и заеднички да се придонесе кон развој на стратегиите за оперативна работа и да се унапредат активностите насочени во справувањето со илегалната трговија со дрога.

Во однос на илегалните нарко-организации од Македонија, Тодоровски информира дека полициските сознанија укажуваат на тоа дека  од земјата оперираат две поголеми криминални нарко-групи што функционираат врз основа на различен етнички состав, со членови од македонско односно албанско етничко потекло, кои се различни по својата структура и начинот на делување и начинот на регрутирање на своите членови.

– Иако дијаметрално се разликуваат, резултатите што ги остваруваат преку својата активност се идентични, односно обете се инволвирани во криминалното подземје на западноевропските држави, особено во Германија и Австрија, рече Тодоровски.
 
Тодоровски појасни дека македонските криминални групи што делуваат во странство функционираат преку регрутирање членови од некриминална средина, што е потешко за следење и откривање. Тодоров додаде дека многу ретко е во рамки на криминалните групи внатрешните конфликти да се решаваат без конфликти. Избегнувањето конфликти е еден од главните методи во работењето на тие македонските криминални организации, оттаму што секој меѓусебен конфликт резултира со соодветни акции на тамошните полиции, при што преку расчистување на насилството се разоткриваат мрежите за трговија и растурање дрога.

Учесниците на конференцијата се едногласни дека ваквите собири се добра можност за размена на стратешки и оперативни информации насочени за разбивање на каналите и организациите за трговија со дрога.

OhridNews