Во Македонија, од хрватската месна индустрија „Месфино“ од Чазма, од почетокот на годинава заклучно со вчерашниот ден не е извршен увоз на пилешко месо, соопшто Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од таму потврдија дека нема добиено нотификација преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската унија, дека производот ЛЕДО замрзнато мелено пилешко месо во пакување од половина килограм, со датум на замрзнување 10.07.2015 и означен рок на употреба до 09.07.2016 година е небезбеден.

Станува збор за производ  на хрватската компанија „Месфино” од Чазма чиј дистрибутер е компанијата „Ледо” од Загреб, за кој хрватското Министерство за земјоделство, вчера ги извести потрошувачите дека по добиената нотификација преку RASSF системот овој производ како небезбеден го повлекува од хрватскиот пазар поради утврдено присуство на бактеријата салмонела.

Согласно официјалните податоци од Информативниот систем на граничната ветеринарна инспекција при Агенција за храна и ветеринарство, во Македонија од хрватската месна индустрија „Месфино” од Чазма, од почетокот на годинава заклучно со вчерашниот ден не е извршен увоз на пилешко месо.

Целокупниот увоз на месо од живина од Хрватска во земјава се врши од одобрени објекти од  Вараждинската околија/жупанија, за увозникот во нашава земја „Виндија Интернационал“.

Инаку, Агенцијата за храна и ветеринарство преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на Европската унија, секојдневно добива известувања за навремена детекција на опасностите кои ја загрозуваат безбедноста на храната и храната за  животни, со цел преку брза и ефективна размена на информации, доколку се јави потреба,  веднаш да се реагира преку преземање на потребните мерки за безбедност.

OhridNews

Извор:„Макфакс“