Компанијата Кока- Кола ја рангира Пивара Скопје АД на прво место во светот според индексот на квалитет на пијалаците што ги произведува. Ова е вторпат во последните пет години, како Пивара Скопје АД го добива ова највисоко признание за квалитет на пијалаците од портфолиото на Кока- Кола.

– Постојаниот висок квалитет на Кока- Кола пијалаците е нешто на кое сме особено горди. Квалитетот е наш највисок приоритет, затоа што знаеме дека тој е важен за потрошувачите во над 200 земји ширум светот каде се присутни нашите производи. Љубителите на Кока- Кола во Македонија можат да се гордеат дека токму овде, во Пивара Скопје, се произведуваат Кока- Кола пијалаци со највисок квалитет во светот“, изјави Шон Лејтон, претставник на компанијата.

Признанието за најдобар квалитет го добива онаа полнилница на Кока- Кола чии пијалаци добиваат највисока оценка, односно индекс на квалитет, при контролите кои се прават од страна на независни меѓународни лаборатории. Контролата на квалитетот се прави врз примероци од пијалаци земени од продажни места по случаен избор. Признанието за најдобар квалитет го добива само оној производител кој ќе добие највисоки оценки за квалитетот на пијалаците во текот на сите 12 месеци од календарската година.

Првото место за квалитет на произведените пијалаци во 2012-та година, Пивара Скопје АД го добива во конкуренција на пијалаци произведени во полнилници на Кока- Кола системот во над 170 земји ширум светот. Исто признание на Пивара Скопје АД и беше доделено и за резултатите од тестирањето на квалитетот на произведените пијалаци во текот на 2008-ма година.