По барање на Министерството за транспорт и врски, од страна на јавната установа Нациoнален парк Галичица, изготвени се неколку предлог- локации на кои би се граделе нови сместувачки капацитети, односно мали хотели во рамки на националниот парк.



-Министерството побара локации каде е можно да се изградат хотели во функција на развој на туризмот. Ние согласно планот за управување со заштитеното подрачје понудивме неколку локации, во зоната за одржливо искористување која се протега од селото Рача до Љубаништа, во која е предвидена и изградба на вакви хотели, вели директорот на ЈУ Национален парк Галичица, Зоран Ангелоски.

Станува збор за пет до шест локации, меѓу кои е и локацијата  во познатото излетничко место Корита.

-Дадените предлози се во согласност со неодамна изготвениот План за управување со заштитеното подрачје и определената зона за одржливо искористување, согласно светските стандарди кои важат за заштитени подрачја од втора категорија национални паркови. Една од предложените локации кои ние ја понудивме за изградба е излетничкото место Корита кое е во оваа зона и во кое според нас е добро да има еден ваков објект. Со изградбата не би се предизвикало нарушување на природната средина, затоа што во овој дел од националниот парк нема некои особени вредности и не случајно оваа локација е избрана, нагласува Ангелоски.

Од Секторот за урбанизам при локалната самоуправа потенцираат дека во процедурата за давање согласност за изградба на објектите ќе мора да се почитуваат одредбите од законот за просторно и урбанистичко планирање и просторниот план за Охридско- преспанскиот регион, како и планот за управување со НП Галичица. Доколку со нив се дозволува градењето на вакви објекти во националниот парк, ќе може да отпочне постапката за носење на детално урбанистичко решение за овој потег.
 
-Најверојатно се работи за такви парцели што можат да имаат урбанистичка согласност, за во иднина и таму да можат да се прават сместувачки капацитети, изјави градоначалникот Александар Петрески во врска со испратеното барање на Министерството за транспорт и врски.

OhridNews