Месечината, Земјата и Сонцето за време на викендов ќе бидат во иста линија, поради што се очекува целосно затемнување на Месечината. Истовремено Месечината ќе биде најблиску до Земјата поради што ќе делува поголема и посветла од вообичаено, а тој феномен се нарекува Супер Месечина. Затемнувањето ќе трае многу долго, околу еден час.

Затемнувањето ќе започне во недела навечер или во понеделник рано наутро, во зависност од тоа на кој дел од Земјата ќе се набљудува овој феномен. Сенката на Земјата целосно ќе ја прекрие Месечината во тек на 62 минути, наведуваат научниците и додаваат дека доколку биде ведро небото, феноменот ќе може да се види и во Северна и Јужна Америка, но и на Гренланд, Исланд, Ирска, Велика Британија, Норвешка, Шведска, Португалија, но и на брегот на Франција и Шпанија.

Останатиот дел од Европа, како и Африка ќе имаат само делумен поглед. Затемнувањето нема да биде видливо во Азија, Австралија и Нов Зеланд. Наредното целосно затемнување на Месечината се предвидува за во мај 2021 година.