Под мотото „Водата е извор на животот“, во недела – 10 мај, охридските нуркачи ќе спроведат акција за чистење на крајбрежието на  Охридското Езеро. Во рамки на акцијата, која заеднички  ја реализираат Сојузот за подводни активности на РМ, Лајонс клубот „Лихнидос“, Лајонс клубот „Десарети“ и Ротари клубот – Охрид, со поддршка на повеќе други организации, ќе биде опфатен потегот од пристаништето до Сараиште во длабочина до10 метри.


Нуркачите укажуваат дека состојбата со загадувањето на Охридското Езеро е алармантна, и дека во крајбрежните води има најразличен цврст отпад – од пластика до апарати за домаќинство. Проектот има за цел да го сврти вниманието на јавноста и пред се на надлежните инстиуции кои врз основа на податоците за загадувањето што ќе  бидат добиени со реализирање на најавената акција, се очекува да преземат соодветни мерки за санирање на подводните депонии. Исто така тој е во функција и на подигнување на еколошката свест на населението за последиците од загадувањето на Охридското Езеро. За таа цел со извадениот отпад на плажата Сараиште ќе биде направена креативна инсталација.


Во акцијата учество ќе земат околу 40 нуркачи, екипи на ЈП „Охридски комуналец“, екологисти, ученици, и волонтери на Црвениот крст,а компанијата АСП обезбеди вреќи за собирање на отпадот кој ќе биде одложен во најблиската депонија. Организаторите очекуваат акцијата да биде масовно поддржана од граѓаните на Охрид, за што ќе бидат дистрибуирани голем број флаери, а ќе бидат анимирани и локалните и националните медиуми.

Ohridnews