Во недела, 21 јули, во селото Годивје, општина Дебрца, ќе се одржи „Ѓомлезијада“. Во 8 часот наутро, манифестацијата ќе започне со правење на народниот, локален специјалитет–ѓомлезе Манифестацијата е од натпреварувачки карактер.

Според програмата, 20–ина жени, од сите села на општина Дебрца, со сач и пирустија, како и другите потребни садови и алатки, ќе подготвуваат ѓомлезе според личен рецепт, додека организаторот обезбедува брашно, масло за јадење, сол и дрва.

Во дегустацијата,  оценувањето и одбирањето на победници за најдобро направено ѓомлезе, транспарентно, ќе учествуваат сите посетители, по што следи доделување на наградите- за прво, второ и трето место. За целото време, гостите ќе ги забавуваат фолклорните групи и изведувачи: Прима Бенд, Елена Јовческа, Дарко Стојаноски, Спасе Матлиоски и други, информира организаторот.

– Дебрца се буди: Со секојдневни случувања ќе се бориме за борбена и еколошки чиста Дебрца. Изминатата сабота, во Црвена Вода, организиравме Поетско-музички хепенинг, паралелно, со отворање “Спомен соба” и поставување “Спомен обележје” на родната куќа на бардот на македонската литератира за деца и млади, Ванчо Николески. Во тек се активностите од 34-та, по ред, Ликовна колонија “Дебрца – 2018”, чии учесници во недела ќе творат во Црвена Вода, а еве сега,  уште една манифестација во Годивје, напиша на својот ФБ профил Веле Митаноски, новинар, публицист и активист од теренот на општина Дебрца.

OhridNews