Во пештерите во рамките на Националниот парк Галичица регистрирани се видови на лилјаци кои се категоризирани како блиску до загрозени според Европската црвена листа на загрозени видови на IUCN. На подрачјето на Националниот парк Галичица, досега е утврдено присуство на 18 видови на лилјаци. Со цел нивна заштита и заштита на пештерите се спроведува проектот „Развој на едукативни ресурси за заштита на пештерите и лилјаците во Националниот парк Галичица.“ Проектот го спроведува Општинскиот Црвен крст во партнерство со Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ и Здружението на граѓани Еко Логик со поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT и Critical Ecosystem Partnership Fund.
Лесниот пристап до пештерите во охридско-преспанскиот регион како и лошата едукација на локалното население, недостигот од едукативни материјали за заштита на пештерите и лилјаците како и недоволниот број обучени едукатори за ова прашање, наметнуваат потреба од активности кои ќе ја промовираат заштитата на пештерските екосистеми, унапредување на заштитата на загрозените видови како и развој на ресурси за едукација за заштита на пештерите и лилјаците, вели Димитар Тануровски, проектен координатор.
Пештера „Самотска Дупка“
Тануровски истакнува дека Охридско-преспанскиот регион, заедно со Националниот парк Галичица, е карстно подрачје од големо значење како за геодиверзитетот и заштитата на водите, така и од аспект на биолошката разновидност и заштита на лилјаците и нивните природни живеалишта, пештерите кои ги има во повисоките делови на Галичица.
Проектните цели е планирано да се остварат преку изработка на едукативни модели кои се наменети за деца од градинка и основци, интерактивни начини на едукација, спроведување на обуки за едукатори, организирање работилници, набавка на заштитна спелеолошка опрема за едукативни посети на пештерите во НП Галичица како и спроведување на теренска посета за засегнати страни и млади во пештерата Самотска Дупка. Како што истакнува Тануровски, дел од зацртаните проектни активности веќе се реализирани.
Проектот треба да придонесе за подобрени капацитети за едукација за заштита на животната средина во Националниот парк Галичица и заштита на лилјаците и пештери преку развиени 2 (два) дисеминациски едукативни модули. Подобрено вмрежување и зајакната соработка помеѓу невладиниот сектор и Националниот парк Галичица за еколошка едукација за заштита на пештери и лилјаци преку обука на едукатори и развој на една едукативна иницијатива. Во предвидените цели е и најмалку 200 млади од основните училишта и градинки во Општина Охрид да ја разберат потребата од заштита на лилјаците и пештерите во Националниот парк Галичица како нивни живеалиштa.
Проектот започна да се спроведува од ноември минатата година и ќе трае до јуни 2022 година.
К.А.














