Наместо 310, колку што им е капацитетот, во објектите „Сонце“ и „Пеперутка“ на ЈОУДГ „8-ми Март“, во моментов се згрижени 544 дечиња, а на листа на чекање се уште 187 деца. Од јавната установа велат дека моменталната состојба е неодржлива, бидејќи наместо по 4 квадрати, згижените деца во одредени занимални имаат едвај по половина квадратен метар простор за себе, поради што воспитувачките со допис ги известите управните органи и советот на родители дека не можат да го прифатат ризикот од работа во такви услови, бидејќи постои опасност од несакани последници.

За проблемот јавната установа ја известила локалната и централната власт уште на 5-ти мај оваа година, но одговор се уште нема.

– Состојбата бара други промени како во воспитниот тим, значи кадровски, така и просторни и технички. Од сето тоа ништо не се направи, ништо не се реши, се остана на ветувања ќе видиме, ќе се реши..., изјави Душанка Опетчевска, педагог во ЈОУДГ „8-ми Март“ Струга.

Опетчевска истакнува дека во овој момент има потреба од отворање на три нови групи, една на македонски и две на албански јазик, за кои исто така се потребни просторни, технички и кадровски решенија, а за што бил даден рок на надлежните до 20-ти август. За да им излезат во пресрет на што поголем број родители од градинката согласно законот и изгласаната одлука на советот ги зголемиле воспитните групи на 30 деца.

-Секоја воспитна група со исклучок на јасли има по 30 деца. Со оглед дека чести се отсуствата некако се функционира. Се над 30 деца е исклучително тешко и неиздржливо., додава педагогот Опетчевска.

Родителите имаат разбирање за вработените во градинката, посочувајќи дека нивниот страв за сигурноста на децата е оправдан, но сметаат дека решение за проблемот има и дека тоа е кај надлежните институции.

-Сметаме дека решение може да се најде многу брзо со тоа што може да се отворат паралелки во руралните училишта коишто се со добри услови, само треба да се има сенс дека вработувањата во Струга конкретно за згрижување на деца од претшколска возраст се оправдани и конечно треба да бидат решени. – истакна Радмила Краљевска претставник на Советот на родители.

Родителите уште додаваат дека во ситуација кога државата заговара многудетни семејства и зголемување на наталитетот, а Струга е пример за тоа, императив на институциите треба да биде грижата за децата.

Од локалната самоуправа велат дека побарале согласност од надлежните државни институции за преадаптација и зголемување на капацитетите на објектите на градинката во Струга, како и за нови вработувања.

-Сепак Министертсвото за труд и социјала е тоа што дава согласност за нови вработувања. Стана веќе традиција години наназад сите барања за финансиски вложувања и нови вработувања да се одбиваат. – изјави Сурија Рашити, раководител на секторот за образование при општина Струга.

На заеднички состанок на раководството, вработените и родителите, одржан деновиве, било заклучено да се иницира средба со претставници на надлежните институции од кои се бара да преземат итни мерки за подобрување на условите за згрижување на децата во објектите на струшката градинка.

Г.М.