Во недела 9 јули од 11 часот во НУ „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирана четиријазичната стихозбирка „Македонски погледи / Sguardi macedoni / Miradas macedonias / Macedonian glances“ од авторите Ернесто Ередеро дел Кампо и Марио Де Роза во издание на „ПНВ Публикации“, Скопје.
„Македонски погледи“ претставува поетско патување на двајца дипломати и пријатели. Станува збор за четиријазично издание, односно триесетина песни од двајцата автори се запишани на нивниот мајчин јазик, преведени на јазикот на другиот, како и на англиски и на македонски јазик, а покрај песните, во книгата се поместени неколку фотографии од фотографката Маја Краљевска.
На промоцијата во Охрид стихови од двајцата автори ќе презентира Ружица Паункоска, воведничар и модератор ќе биде Милчо Јованоски – директор на Библиотеката, а авторите дел Кампо и Де Роза ќе ги читаат своите песни на шпански и италијански јазик. Тие очекуваат да се развие и дискусија со присутните и велат дека така на еден лежерен начин ќе можат да го опишат патот на создавањето на стиховите и нивните емоции доживеани при престојот во нашата земја. Неделното поетско матине во Охрид како што велат авторите на стихозбирката ќе биде „зачинето“ и со музичката придружба од страна на познатиот македонски гитарист Дарко Багески, информираат од охридската Библиотека.
Ернесто Ередеро дел Кампо (Ваљадолид, 1977) е неуморен духовен трагач, дипломат по професија, филозоф по образование и уметник по вокација. Како филозоф, неговите главни теми на проучување биле скептицизмот и делата на Емил Чоран и на Лудвиг Витгенштајн. Како дипломат, тој ѝ служел на Шпанија во голем број земји. Последната, Северна Македонија. Соработува како предавач со Филозофското друштво на Македонија, а ова е негова втора стихозбирка објавена на македонски јазик.

OhridNews












