Производството на хартија во охридско, датира од 16-тиот век. Некои историски податоци укажуваат дека за прв пат во овој регион, хартија се произведувала во манастирот „Св. Наум Охридски“. Охриѓани, пак, се среќни, што веќе десет години од работилницата на Лупчо Паневски, секојдневно се изработува хартија на еден уникатен начин, што претставува продолжување на старата традиција.


Работилницата во која рачно се изработува хартијата, се наоѓа веднаш до куќата на „Робевци“. „Точно 10 години опстојува оваа работилница. Веќе пет години сме сместени во куќата на Славе Патчев,  во чија близина се наоѓаат Градскиот музеј и Куќата на Уранија. Просторијата во која работиме е во духот на стариот охридски стил, кој не е изменет и потполно се вклопува во нашата работа.“ – вели Лупчо Паневски, основачот на оваа работилница.

Со цел продолжување на ваквиот начин на производство, користени се искуствата на работилниците од европските земји. „Користевме помош од страна, бидејќи уште во 12-тиот век, рачно се изработувала хартија во Европа. Така од Барселона, преку Венеција до Дубровник, овој занает е пренесен на Балканот. Голема помош имавме од најблиската работилница до нашата земја, односно таа во Радиче, Словенија.“ – кажува Паневски

Основата и начинот на ваквата изработка на хартија веќе девет века се непроменети. Најбитен сегмент е аголот под кој што се делка дрвото и сврзувањето на влакненцата од срцевината на растението. „Основата е сржта на дрвото. Се користат потврди видови на дрво како дабот, оревот, црешата, костенот,смреката и дудинката. Иако хартијата изработена од дудинка-црница се смета за една од поквалитетните, најквалитетна се изработува од срцевината на црешата. Крајните точки на годовите за старост кај дрвото, го одредуваат аголот на делкање. Дрвото не смее да се дроби и меле. Суштината на постапката е добивање влакненца од срцето на дрвото. По одреден период на инкубација честичките природно се врзуваат. За да се изработи еден лист хартија на природен начин, потребни се околу 29 дена. Најдолг е процесот на инкубација на честичките, кој трае 23 дена. “ – објаснува Паневски


Опремата која се користи за рачната изработка на хартија, е потполно едноставна и приближно иста со таа од порано. Се користат сита со дрвена рамка и метална мрежа. Исто така, се користи и опрема за цедење, сушење и рамнење, кои ќе ги вратат посетителите далеку во минатото. Освен сржта на дрвото, во изработката може да се искористи и памук. „Хартијата може да биде комбинација од дрво и памук. Но во сите случаи, процентот на дрво е секогаш поголем. Во смесата, можат да се додадат разни природни додатоци за декорација, како што се тутунот, магденосот и кафето, со кои се овозможува обојување на хартијата. Отпечатоците на нашата хартија ги правиме на Гутенберговата преса, кое е највредното нешто во работилницата. Вакви машини се само две во Европа, а оваа е изработена пред 150 години во Салзбург, по урнек на оригиналот кој е музејски експонат во Мајнц, Германија.“ – додава Паневски


Гутенберговата преса


Работилницата од ден на ден има се повеќе гости и туристи, а претставува еден вид туристичка понуда на градот. „Доаѓаат туристи, од обични граѓани до дипломати и претседатели на држави. Гостите сакаат да си купат сувенири од рачна изработка на хартија, а по желба можат да се отпечатат различни мотиви. Мотивите на нашите отпечатоци се различни, почнувајќи од стари фотографии на Охрид, автентични икони од ова поднебје, како и евангелијата од овие простори“ – завршува Паневски


различни мотиви на рачно изработената хартија

Инаку, овој фамилијарен занает на Паневски, бара многу физички труд како и посветеност. Овој занает во кој има многу уметнички елементи претставува и еден вид атракција и ја збогатува туристичката понуда на Охрид.

О.Т