-Имаме континуирано зголемување на бројот на заболени, но состојбата за сега не е сериозна. На први февруари имавме бројка од 16 заболени, во последниве две недели имавме бројка од 38 заболени, а оваа недела има вупно 44 лица кои се заболени од ова заразно заболување. Сите заболени се со лесна клиничка слика и ниту еден случај до сега не е хоспитализиран и сите се амбулантски лекувани, односно без поголеми копликации, вели д-р. Јованка Стурлакова Корвешовска, раководител на Епидемиолошкото одделение при Центарот за јавно здравје во Охрид.
Таа нагалси дека бројката на заболени од сезонски грип, истиот период лани, била многу поголема.
-Помалиот број на заболени се должи на големиот интерес за вакцинација. Во периодот на вакцинирање, кој траеше од октомври до декември, минатата година, беа вакцинирани над 2000 лица од охридско. Најголемиот дел од вакцинираните се постари од 60 години, но има и такви кои што се вакцинираа поради хронични заболувања, појасни Стурлакова Корвешовска.
За да се спречи ширењето ан сезонскиот грип, лекарите по општа медицина најчесто советуваат да се конзумира храна богата со витамини, да се избегнува долг престој во затворени простории, често да се проветруваат просториите каде што се престојува и да се внесува доволна количинa течности во организмот.