Во рамки на проектот „Еднаквост и социјална инклузија преку позитивно родителство, дел од Еразмус + програмата на Националната агенција за европски образовни програми на Англија, на 2 и 3 септември, во Охрид, во општинската зграда, ќе се одржи петтата по ред бесплатна обука наменета за родители (или членови на семејствата) на деца, адолесценти и возрасни лица со аутизам.
Во текот на првиот ден од обуката пред присутните ќе зборуваат Д-р Јасмина Трошанска (МНЗА) Вовед во аутистичниот спектар на нарушување и Комуникацијата и нејзиното влијание врз однесувањето, Филип Јуртоски (МНЗА) Разбирање и справување со предизвикувачкото однесување, Ана Шикалеска (МНЗА) Справување со сензорната чувствителност.
Вториот ден, ќе се обратат Ана Шикалеска (МНЗА) Значењето на визуелната структура и нејзина имплементација и Билјана Кујунџиќ Настевска (МНЗА) Позитивни пристапи кон социјалниот развој и интеракција.
Целта на проектот е создавање на модел заснован на научни докази за едукација на родители на деца со аутизам кој ќе може да се користи во Европа, Создавање на програма и еколошки материјали за обука на родители, Употреба на материјалите во едукација на семејства на деца со аутизам во региони каде што претходно не биле спроведувани едукации, Оценка на употребата на материјалите и влијанието на обуката преку квалитативни и квантитативни анализи на податоци, Споделување на моделот на програма за едукација на родители, алатките и материјалите со засегнатите страни и давање на препораки на креаторите на политики и оние кои донесуваат одлуки.
Координатор на проектот е Универзитетот Нортхемптон, а додека пак партнерски организации се: Едукациско-рехабилитацискиот факултет од Загреб, Центар за аутизам од Загреб, Аутизам Европа со седиште во Белгија, Центар за развој и поддршка на деца и адолесценти со аутистичен спектар на нарушувања од Кипар, Европски универзитет од Кипар, Македонско научно здружение за аутизам од Македонија, Таргет аутизам и Аутизам Консерн од Англија.
Заинтересираните своето присуство можат да го потврдат кај секретарот на МНЗА Филип Јуртоски или на е-маил [email protected] или на мобилен 075-725-951 најдоцна до 30.08.2017 година.
OhridNews












