Иако во месец март бројката на заболени од грип во Охрид е драстично намалена, сепак изминатата недела во Центарот за јавно здравје регистрирани се нови 78 случаи, меѓу кои не е забележана инфлуенцата Х1Н1.
Како најголем причинител за ваквата клиничка слика, се наведува ладното време кое влијае на ширењето на ова заразно заболување.
„Во месец март во првите три недели имавме намалување на бројката од 150 на 25 до 40 случаи. Меѓутоа минатата недела како што залади времето, повторно имаме зголемување, односно регистрирани се нови 78 случаи во Центарот за јавно здравје.“ – вели д-р. Јованка Стурлакова Коровешовска, раководител на Епидемиолошкото одделение при Центарот за јавно здравје во Охрид.
Д-р Стурлакова-Коровешовска појаснува дека првите случаи на грип за оваа година се пријавени во првата недела од 2013-та година, а во февруари се регистрирани најголемиот број на лица заболени од овој вирус.
„Најголем број на заболени имавме во февруари, односно во петтата, шестата, седмата и осматта недела од 2013-та година. Бројката се движеше над 150 заболени на неделно ниво. Во целиот период, најголем број на заболени се на возраст од 15 до 64 години.“ -вели Стурлакова Корвешовска.
Таа истакнува дека во текот на оваа сезона, кај седумнаесет лица изолиран е вирусот Х1Н1, додека кај некои е забележана Б инфлуенцата од ова заболување.
„Од триесет земени брисеви, кај 17 лица изолиран е х1н1 вирусот додека кај 5 случаи е забележана Б инфуленцата. Оваа сезона имавме и лица со потешка клиничка слика. Грипот како заразно заболување, се пријавува на збирна пријава, еднаш неделно. Обврска имаат сите матични лекари, инфективното одделение, детсткото одделение и интерното да ги пријавуваат случаите на грип.“ – вели Стурлакова Корвешовска.
Како најдобра превенција против ова заболување, се наведува вакцината против сезонскиот грип и редовната хигиена на рацете.
„Бидејќи станува збор за респиратроно заболување кое се пренесува по воздушен пат, треба да се применуваат општите мерки како за сите респираторни заболувања. Избегнување на близок контакт со лице кое што кива и кашла. Избегнување престој во затворени простории, групно собирање и најважно е одржување на хигиена на рацете, бидејќи тоа е еден од најчестите начини за пренесување на инфлуенцата.“ – истакнува Стурлакова Корвешовска.
Инаку, како што информираат од Институтот за јавно здравје во Скопје, оваа година седум лица починаа од грип.
O.T.