Од таканаречената “лесна“ дрога марихуана, преку хашиш, екстази и хероин, па се до дрогата за “елитни“ кругови – кокаин се шетка на охридските улици. Во 2010 година охридската полиција пресече најголем број локални патишта на дрогата, односно според официјалните податоци на МВР 25 од вкупно 85 кривични дела поврзани со овозможување на употреба на наркотични дроги се регистрирани токму во нашиот град.

Инаку, што се однесува до цените на дрогите, еден џоинт од марихуана се продава за околу 100 денари заради што е и најексплоатирана дрога, додека една доза хероин чини околу 500 денари, а еден грам хероин од 1200 до 1800 денари. Таблета екстази чини околу 300 денари, а највисока е цената на  кокаинот која изнесува околу 6000 денари.

Неодамна македонската полиција пресече меѓународен синџир на трговија со кокаин од Боливија од каде 1,46 килограми висококвалитетна дрога преку Франкфурт требало да заврши во Охрид. Претходно во друг случај,  во стан на охриѓанец беше пронајдена помала количина дрога – кокаин, како и пари и списоци со имиња на корисници. Најголем број од регистрираните случаи во Охрид се однесуваат на овозможување на употреба на марихуана.

Во текот на 2010 година во земјава регистрирани се 828 нови зависници и нивниот вкупен број на крајот на оваа година изнесува 9.607. Од вкупниот број, 5.439 зависници користат марихуана, 3.768 хероин, а 368 зависници користат други видови наркотични дроги (кокаин, екстази, опиум, лекови и др.)

Најголемиот број зависници се регистрирани на подрачјето на Скопје – 5.035; потоа на подрачјето на Куманово – 916; по што следи Охрид, каде официјално има 391 регистриран наркозависник.

Во текот на 2010 година во Македонија од предозирање или употреба на нечиста дрога починале 17 лица.

OhridNews