Поради претстојниот состанок на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи во Охрид, од денеска во Охрид и Струга, на сила се засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај.

Станува збор за активности насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците, објектите и локациите опфатени со протоколот за посета. Полициските станици за безбедност во патниот сообраќај во Охрид и Струга, на трасите предвидени за движење на возилата под придружба, интензивно спроведуваат мерки за сообраќајно обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот во двата града, особено по булеварот „Туристичка“ во Охрид, на дел од автопатот Охрид-Кичево, во централното градско подрачје во Струга, по регионалниот пат Струга Струга-Дебар, како и по други улици и сообраќајници каде што нема да биде дозволено запирање и паркирање моторни возила. Тука, предвидени се краткотрајни застои во сообраќајот кои ќе трааат до поминување на возилата со кои се превезуваат учесниците на средбата, информираат од СВР Охрид.

Посочуваат дека со цел безбедно и непречено одвивање на предвидените активности на терен, СВР Охрид навремено воспостави контакти и координација со службите на локалната самоуправа, со правните субјекти задолжени за одржување на патиштата и улиците, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици во општините Охрид и Струга, јавните претпријатија и други релевантни институции.

Апелираме до граѓаните-возачи на патнички и други моторни возила, да ги почитуваат насоките на полициските службеници на терен, со цел непречено одвивање на сообраќајот и безбедноста на сите учесници а своите возила, да ги користат само во неопходни случаи во периодот на спроведување на мерките, додаваат.

OhridNews