Со есенската акција за пошумување во општините ќе се засадат 38.930 садници на лисјарски и иглолисни дрвни видови, 60.350 садници во Скопје, 200 палми за Охрид и Дојран, 5.250 леандри за Дојран и на автопатот Богородица – Смоквица, како и 10.000 садници Аризонски чемпрес во средишниот дел на автопатот Скопје – Куманово.

Како што пренессува „Макфакс“, за претстојната акција за пошумување “Ден на дрвото – засади ја својата иднина” есен 2013 година,  ЈП Македонски шуми активно се подготвува и предвидува  пошумување на површина повеќе од 1.035,23 ха, со засадување од 4 000 000 – 5 000 000 шумски садници.

Пошумувањето со шумски садници на предвидените локалитети ќе се реализира од почетокот на октомври се до моментот на поволните климатски услови и можности.

Со есенската акција како и секоја година  вклучена е и локалната самоправа – ЗЕЛС.

Со есенската акција  како приоритети за пошумување се предвидени опожарени површини – последица од шумски пожари, голини во шума и вон шума во склоп на „Шумско стопанските единици”, локалитети во непосредна близина на урбани и рурални средини и локации покрај природни и вештачки езера.

Изборот на дрвни видови за пошумување е во зависност од климатските услови, надморската височина и фенологијата на садниците.

Според доставените известувања од страна на општините, дел од општините се приклучуваат на локациите предвидени од страна на „Македонски шуми“, а дел предложиле свои локации кој ќе се подготват од нивна страна, а шумските садници ќе ги преотстапи  ЈП “Македонски шуми“ од своите расадниците.

„Оваа есен сакаме уште повеќе да ги мотивираме општините и граѓаните да се вклучат во пошумувањето за да се уредат хортикултурно поголеми урбани површини со декоративни садници (лисјари и четинари). За оваа цел нудиме повеќе годишни садници од над 75 дрвни видови. (даб, питом и див костен, јасен, јавор, каталпа, дива маслинка, липи, смрча, чемпрес, црн орев, багрем, бреза, бор, дуглазија, туја и други)“, вели директорот на ЈП „Македонски шуми“ Жарко Караџоски.

OhridNews
извор:„Макфакс“