Дел од годишната програма на Министерството за култура за 2014 е и проектот со кој аплицираше охридската библиотека „Григор Прличев“, кој предвидува во рамки на установата да започне со работа и звучна библиотека наменета за лицата со оштетен вид.
– Особено ми е драго што од страна на министерството е одобрен проектот, затоа што е наменет за оваа ранлива категорија на граѓани. Идејата е делата од неколку автори преку изработени ЦД- ња во аудио форма , со високи естетски и уметнички карактеристики, преку гласовно читање од страна на различни наратори да им бидат достапни на лицата со оштетен вид, вели директорката на НУ библиотека „Григор Прличев“, Александра Белевска.
Во текот на 2014 година, од звучната библиотека ќе може да се изнајмуваат делата од тројца познати македонски писатели: книгата „ Пиреј“ од Петре М. Андреевски, „ Пасквелија“ од Живко Чинго и романот за деца и млади „ Времето на црвените рози“ од Видое Видически.
Идејата е во иднина фондот на звучната библиотека да се збогатува со нови дела од македонски, но и странски автори.
Т.К.