Охрид е еден од градовите во кои со подршка на владата ќе се отворат специјализирани продавници што ќе се занимаваат со продажба на македонски вина. Владата ќе финансира или ќе кофинансира отварање на вински продавници и вински штандови во три посебни категории и тоа: опрема, закупнина и нови работни места.

Во однос на винските продавници, Владата ќе финансира опремување на продавниците во износ не поголем од 1 милион денари по продавница, а за винските штандови износот не треба да биде поголем од 600 000 денари по штанд.Во однос на закупнината, Владата ќе финансира 50 проценти од вкупниот износ на закупнината, кој не смее да биде поголем од 30 000 денари по месец.Во однос на новите работни места, Владата ќе го финансира вработувањето на 4 лица за секоја винска продавница и за 2 лица за секој вински штанд.

Финансирањето на платите, како што информираат од владата, не може да биде помало од 50 проценти од просечната плата, која во моментов изнесува околу 320 евра, а се остава можност и за поголем процент на финансирање, таму каде што тоа ќе биде потребно.

Од владата со најава дека со отворањето на ваквите вински продавници ќе се отворат од 100 до 150 нови работни места, кои задолжително треба да останат во работен однос во овие објекти најмалку три години. Заинтересираните треба да поднесат барање во кое ќе биде вметната локацијата на продавницата која што треба да биде во централните градски подрачја, поголемите хотели, граничните премини и сл. Воедно, објектите треба да ги поседуваат минималните технички услови, а лицата кои што ќе аплицираат за вработување во овие објекти, треба да имаат солидно познавање од англиски јазик, како и солидно познавање од проблематиката на вино.

Освен во Охрид, вински продавнци е предвидено да се отворат и во Скопје, Прилеп, Битола, Штип, Тетово, Струмица, на аеродромите Александар Велики и Св. Апостол Павле, на граничните премини, во градската автобуска станица во Скопје, во Дојран и во Гевгелија, како и во зимските туристички центри.

OhridNews