Утре, недела, со почеток во 17 часот во хотел Метропол во Охрид свечено ќе се отвори 10-тата по ред Меѓународната научна конференција „Влијанието на големите сили врз безбедноста на малите држави“ која е една од најголемите меѓународни научни собири во регионот, а ја организира Факултетот за безбедност-Скопје со поддршка на Фондацијата „Ханс Зајдел“ од СР Германија и покровителство на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување.

Конференцијата ќе ја отворат Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Ректорот на УКЛО проф. д-р Сашо Коруновски, Претседалот на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување м-р Верица Милевска Стефановска, Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф. д-р Никола Дујовски и претставник на општината Охрид.

На конференцијата ќе присуствуваат професори од над 15 тина земји меѓу кои од Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Германија, Индија, Мароко, Турција, Русија, Словачка, Чешка, Бугарија, Србија, Грција, Албанија, Хрватска, Словенија и други.

На конференцијата ќе се дебатира за геополитички судир на концепти и идеологии во регионот, радикализмот и Балканот, руското влијание на Балканот- фактор на дестабилизација или економски развој, влијанието на турската надворешна и безбедносна политика и Балканот, процесот еден појас-еден пат, Кина помеѓу економски промотор и демократски уназадувач, улогата на САД на Балканот, германските интереси во регионот, регионот како транспортен коридор за бегалци, безбедносните стратегии и црвените линии на Балканот и улогата на недржавните актери во безбедноста на Југоисточна Европа.

Меѓу другото на големата меѓународна конференција во Охрид ќе се разговара за новите безбедносни предизвици и асиметрични закани, безбедноста помеѓу стратегиите и црвените линии на Балканот, потоа за хибричните закани како нови предизвици за безбедноста, современи форми на криминал како глобална закана, зајакнување на капацитетот на малите држави и капацитетите за борба против корупцијата и организираниот криминал.

Мисијата на конференцијата е да се поттикнат академската заедница и практичарите од областа на безбедноста да разменуваат сознанија базирани на  користење на научни методи за истражувања од областа, но и да се исползуваат искуства од практиката за да може на истите да им се даде научно-истражувачка димензија.

Научниот собир во Охрид e еден од најдобрите академски собири од областа на безбедноста  во регионот за експертите, професорите и практичарите од областа безбедноста, меѓународната политика, криминалистиката и криминологијата.

Факултетот за безбедност-Скопје во соработка со надлежните институции има клучна улога во унапредувањето на безбедносниот систем и креирање на безбедносните политики. Воедно има за цел да влијае врз зголемување на безбедноста и стабилноста во Република Македонија, регионот и пошироко.

OhridNews