Денеска во Охрид започнува дводневната Национална конференција„Структурирање на дијалогот помеѓу Владата и граѓанските организации “, во организација на тимот на Техничка поддршка на граѓанските организации –ТАКСО.

Целта на оваа конференција е да се создаде форум за дебата во поширок круг на граѓански организации (ГО) и други релевантни чинители за дијалогот меѓу ГО и Владата.

На конференцијата ќе се презентираат регионалните искуства преку изработената компаративна анализа за постоечките структури за соработка помеѓу Владата и ГО во Хрватска, Црна Гора и Словенија.

Врз основа на веќе спроведените консултации во повеќе мрежи на граѓанските организации во земјата, конференцијата ќе даде насоки за формирање на советодавно тело на национално ниво. Препораките од анализата, од прибраните материјали и од консултациите ќе бидат презентирани на оваа национална конференција и ќе служат како основа за дискусија во работни групи помеѓу присутните чинители на конференцијата.

Работните групи ќе дадат натамошни заклучоци и препораки во однос на мандатот на советодавното тело, структурата и неговото управување, изборот на членови, начинот на работа, известувањето и комуникациските канали со поширокото граѓанско општество.

Заклучоците и препораките од конференцијата ќе бидат сумирани во извештај кој може да биде основа за следни заеднички чекори на ГО и Владата за структурирање на дијалогот и подобрување на соработката на национално ниво.  

Инаку, проектот е спроведен од „SIPU International“ и партнерите на конзорциумот, а финансиран од Европската Унија.

OhridNews