Министерството за внатрешни работи реализираше случај на недозволена трговија со наркотична дрога, при што сузбиена е организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со марихуана. Од страна на МВР поднесена е кривична пријава против три лица од Скопје, едно од Струга и едно од Албанија сите членови на криминалната група, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”. При реализацијата на случајот од слобода се лишени три лица на кои од страна на судија на претходна постапка им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, а две лица се сеуште во бегство и не се достапни за органите на прогон.
Имено, организаторите на криминалната група од Скопје преку лице од Струга стапиле во контакт со албанскиот државјанин со кого договориле набавка на марихуана по цена од 1900 евра за килограм. Во меѓувреме првопријавениот ангажирал лице од Скопје за сума од 300 евра да изврши транспорт на претходно договорената марихуана од Струга до Скопје. На 5-ти овој месец лицето кое го вршело транспортот од Скопје со возило се упатило кон Струга каде во близина на ГП „Ќафасан“ се сретнал лицето од Албанија кое му предало една црна најлонска вреќа во која било сместено поголемо пакување обвиткано со најлонска фолија исполенета со непозната растителна материја. По преземањето на растителната материја, едното лице се упатило кон Скопје, а на дел од патот од Струга до Кичево четвртопријавениот од Струга му бил претходница како обезбедување на патот. Околу 20,00 часот истиот ден, на наплатната рампа Тетово на регионалниот пат Гостивар-Тетово од страна на полициска патрола од Полициско Станица за Тетово, било сопрено возилото, управувано и сопственост на третопријавениот. Под сомнение дека со возилото се транспортира наркотична дрога од страна на полициските службеници извршен е преглед и контрола и притоа во багажниот простор пронајдена е црната најлонска вреќа исполенета со растителна материја. Со потврда за привремено одземени предмети биле одземени најлонската вреќа, ПМВ и два мобилни телефони. По лишувањето од слобода на едниот пријавен, преземени се дополнителни мерки и активности за пронаоѓање и лишување од слобода на останатите членови на криминалната група, при што на подрачјето на Охрид пронајдени и лишени се од слобода стружанецот и албанскиот државјанин, а останатите две лица се во бегство и сеуште не се достапни за органите на прогон.
Целокупната одземена растителна материја е предадена за испитување и вештачење при што било утврдено дека се работи за речиси три килограми марихуана, односно 2,99 килограми од оваа опојна дрога.
OhridNews