„Социјалната работа и социјалната политика во време на глобални кризи“ е насловот на Меѓународната конференција што по повод 65-годишнината од образованието по социјална работа и социјална политика ја организира Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

На собирот што од 19 овој месец ќе се одржува во Охрид повеќе од 130 учесници од земјата и странство ќе промовираат и дискутираат истражувања, практики и политики поврзани со теми кои се занимаваат со прашањето на глобалните кризи од различни перспективи релевантни за социјалната работа и социјалната политика.

Трудовите и излагањата се контекстуализирани во неколку домени на анализа вклучувајќи одговори на социјалните држави и социјалните политики на глобалните кризи, социјалните услуги во контекст на повеќекратни кризи, глобалните кризи и човековите права, влијанието на глобалните кризи врз социјално ранливи лица, како: мигранти, бегалци, жртви на семејно насилство, невработени, потоа влијанието на глобалните кризи врз социјалната заштита, детската заштита, вработувањето, образованието и здравјето, како и иновации во истражувањата, образованието и стручната пракса за социјалната работа и социјалната политика.

Конференцијата е под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија и се организира во партнерство со Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ, Фондацијата „Фридрих Еберт“, како и Федералното министерство за социјални прашања на Австрија.

OhridNews