Во Охрид вкупниот број на невработени лица односно активни баратели на работа регистрирани во Центарот за вработување се 3403, а 1827 се пасивни баратели кои се пријавуваат на шест месеци. Најголема заинтересираност од страна на невработените лица од Оперативниот план за 2021 година имало во делот на самовработување и субвенционирање на плати, истакна при денешната посета на Центарот за вработување во Охрид, Беким Мурати, директор на Агенцијата за вработување на РСМ.

Во минатиот Оперативен план во Охрид беа вклучени 220 лица од кои 78 во делот на самовработување односно толку лица отпочнале сопствен бизнис, 55 лица ја искористиле мерката за субвенции на плати, 16 вработувања на раст и правни субјекти, 5 обуки за побарувани занимања, 5 за ИТ вештини и 67 ја искористиле мерката за практиканство, потенцираше Мурати.

Во однос на реализацијата на Оперативниот план за самовработување за 2021 година на ниво на држава, рече дека има голем процент на реализација односно околу 94,6% што значи дека 1 ,5 милијарди денари биле потрошени за невработените лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот.

Врз основа на апликациите кои се реализирани за 2021 година во поглед на искористување на мерката за самовработување преку отпочнување сопствен бизнис во Охрид отворени се бутици, козметички салони, фризерски салони и ресторани, рече Елведина Дика, раководител на Центарот за вработување во Охрид.

Директорот Мурати потенцираше дека и на ниво на држава најголема заинтересираност во 2021 година имало за мерката за самовработување со отпочнување на сопствен бизнис односно околу 1800 невработени лица успеале да отворат нови фирми и тие и ден денес постојат и се развиваат.

И во наредниот Оперативен план за 2022 година ќе се опфатат скоро сите мерки што беа досега меѓу нив за самовработување со отпочнување сопствен бизнис, субвенции на плати, обуки за ИТ вештини, а за истиот се обезбедени 1,73 милијарди денари од буџетот на Агенцијата за вработување на РСМ, рече Мурати.

Оперативниот план е во фаза на подготовка, потенцираше Мурати, додавајќи дека е убеден дека во март ќе помине на Владина седница и од крајот или почетокот на април ќе почне негова реализација.

Н.С.Ј.