Утре, 23 септември, во хотел Метропол во Охрид свечено ќе се отвори 11-тата по ред Меѓународна научна конференција „Евроатланските вредности на Балканот„ во организација на Факултетот за безбедност-Скопје и Фондацијата „Ханс Зајдел„ од СР Германија.

Конференцијата ќе ја отворат Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Проректорот на УКЛО проф. д-р Марјан Ѓуровски, Претседалот на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување м-р Верица Милевска Стефановска и Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф. д-р Никола Дујовски.

На конференцијата која ќе се одржи со комбиниран хибриден модел согласно протоколите за заштита од пандемијата учество ќе зема професори од земји од регионот и пошироко.

Меѓу другото на меѓународната конференција во Охрид ќе се разговара за новите безбедносни предизвици и асиметрични закани, безбедноста помеѓу стратегиите и црвените линии на Балканот, потоа за заканите и отворените прашања на Балканот како нови предизвици за безбедноста, современи форми на криминал како глобална закана, зајакнување на капацитетот на малите држави и капацитетите за борба против корупцијата и организираниот криминал.

Мисијата на конференцијата е да се поттикнат академската заедница и практичарите од областа на безбедноста да разменуваат сознанија базирани на користење на научни методи за истражувања од областа, но и да се исползуваат искуства од практиката за да може на истите да им се даде научно-истражувачка димензија.

OhridNews