Продолжува периодот на променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи, град и ветер.

Во текот на вчерашниот ден најмногу дожд наврна во Демир Капија (59 l/m2), Скопје-Петровец (54 l/m2), Охрид (50 l/m2) и Пожаране (37 l/m2), информира УХМР.

Во текот на денешниот ден исто така, на поедини места од државата се најавуваат локални поројни врнежи од дожд (на места над 30 l/m2), при што нема опасност од излевање на поголемите реки во земјата.

На одредени места врнежите се очекува да бидат поинтензивни, да паднат за кратко време и да бидат во форма на невреме придружувани со силен ветер, така што можна е појава на слевање на вода во градските урбани средини поради неможноста за одведување на водата.

Исто така, при краткотрајни интензивни врнежи можно е локално брзо зголемување на водостојот на помалите реки и суводолиците и нивно локално излевање.

При такви околности, потребно е внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците низ земјава, предупредува УХМР.

OhridNews