Со затоплувањето на времето на почетокот од пролетта се будат овошките, цвеќињата и инсектите. Околу расцветаните сливи, кајсии  и круши има облак од пчели кои со нивното пријатно зуење ја најавуваат плодната и родна година. Но вака беше се до минатата година. И оваа година е скоро исто како и минатите, па процветаа овошките и цвеќињата, но една работа фали. Фалат пчели. Можеби обичните граѓани на Охрид не забележуват но пчеларите приметуваат и тоа како. Во градот го нема пријатното пролетно зуење на пчелите.

Пчели фалат од повеќе причини но јас ќе спомнам неколку.

Една од причините е летното прскање на липите во централното градско подрачје против лисната вошка. Инаку лисната вошка е главен причинител за создавање на слаткиот сок на листовите кој поготово кај липите се појавува во поголема количина па така истиот капе од листовите. Прскањето се изврши кога липите најмногу лачеа од слаткиот сок со изговор дека кога капе ги валка колите на туристите и тие затоа не доаѓаат во Охрид.

Е сега да појаснам, тој сладок сок пчелите го обожаваат и неуморно го собираат. Откако ќе го преработат и складираат во кошниците, пчеларите го цедат како „шумски мед“ или мед од „медлика“. Значи прскањето се вршеше со сретството „АКТАРА“ кое поради неговата огромна токсичност е исфрлено од употреба од самите земјоделци и тоа пред многу години. По прскањето со ова средство инсектите а најмногу пчелите се трујат со денови. После ова прскање пчелните семејства останаа без пчели излетнички и како ослабени друштва беа зазимени со намалени шанси за презимување.

Втора причина се познатите болести кои ги напаѓаат пчелите а најчести се ноземата (проливот кај пчелите) и вароата (пчелниот крлеж). Ако на ова се додаде и ослабнати пчелни друштва, угинувањето на цели заедници е сигурна.

И како трета причина, која по мене е главна за исчезнувањето на пчелите во Охрид е новата болест која ги напаѓа и за која никој во светов не може да потврди што е причинител на истата. Нема симптоми, нема траги на болест туку едноставно нема пчели во кошницата. Во кошницата има доволно мед, полен па и легло, но пчели нема. Тоа би било исто како во една фамилија родителите да остават се во куќата, дури и сопствените деца и да заминат без трага. Вакво исчезнување се случува низ цел свет, не само во Охрид а причината никој засега не ја знае. На оваа појава работат тимови составени од светски научници но досега немаат откриено ништо.

Да биде појасно што се случува, поради исчезнувањето на пчелите на пример, во Америка минатата година производството на овошје е намалено за една третина. Општо е познато дека ако во еден момент ги снема пчелите на човештвото му остануваат уште четири години а потоа ќе изумре од недостаток на храна.

Сашо Апостолоски – pcela.mk