Невработените охриѓани кои имаат навршено 40 години, мака мачат да најдат работа. Ретки се охридските работодавци кои примаат лица во средни години, а на огласите за вработување исклучиво се бараат лица кои немаат повеќе од  30 години.

Со овој егзистенционален проблем подеднакво се соочени и мажите и жените, кои се жалат дека до сега  ниту една надлежна институција не се заинтересирала за решавање на ова прашање.

Невработена сум повеќе од 5 години, упорно се пријавувам на сите огласи но секаде ме одбиваат, ми велат дека сум стара и дека им требаат продуктивни работници. А јас имам 47 години, здрава сум и работноспособна, не можам да разберам зошто не сакаат да ме вработат. Истиот проблем го имаше и мојот сопруг, кој остана без работа од една од распаднатите охридски фирми, па едвај кај едни пријатели го примија на работа, вели една охриѓанка која сакаше да остане анонимна.

Нејзината пријателка која е постара од неа две години, ни ракажа дека неколку пати се соочила со слична ситуација и поради тоа била принудена да работи за помалку пари.

-Газдата  каде што и сега работам ми рече дека ако сакам да ме вработи, ќе треба да ме осигура на половина работно време. Бидејќи работата ми беше повеќе од потребна морав да прифатам и сега дел ме исплаќа на рака, а дел ми дава плата преку сметка, а јас работам со полно работно време, се жали  49-годишната жена.

И еден повозрасен невработен господин кој го затекнавме во Подрачното одделние на Агецијата за вработивање во Охрид, вели дека државата треба да превземе мерки за да се надмине оваа состојба.

-Треба да се смислат некои мерки за да работодавците се заинтересираат за повозрасната работноспособна популација. Би можело на пример се издвојат  од буџетот некакви субвенции за фирмите кои ќе вработат повозрасни лица, предлага нашиот соговорник, кој инаку е дипломиран правник.

И статистичките показатели во евиденцијата за невработени во Охрид, покажуваат дека  невработеноста е најголем проблем за повозрасната охридска  популација. Евиденцијата во Агенцијата за вработување, говори дека над 50 %  од невработените охриѓани се со навршени 40 години.

Заклучно се април 2012 , од вкупно 8.737 невработени охриѓани, според старосната распределба најголем број  или 4.955 им отпаѓа на лицата со над 40 години. На возраст од 30 до 40 години запишани се 1.688 невработени лица, а преку Центарот вработување во Охрид работа бараат и  2.092 лица, помлади од 30 години.

-Овие бројки биле слични и во минатото,значи работодавците и во минатото барале да вработат помлади кадри за своите потреби. Оние кои што активно бараат работа , а имаат навршено 40 години , активно ги нудиме на пазарот, но сепак конечната одлука ја носи работодавецот ,велат од Агенцијата за вработување.

Оттаму појаснуваат дека според временскиот рок на чекање вкупно  3.125 лица од Охрид , за вработување чекаат повеќе од 5 години. Од 2-4 години чекаат 2.159 невработени охриѓани, а приближно толку или 2.153 за вработување чекаат од 6 месеци до 2 години. Најмала е бројката на невработени кои на списоците се евидентирани помалку од 5 месеци или 1.300 лица.

Според степенот на обазование меѓу навработените, најмногубројни или 2.444 се неквалификуваните работници. Со завршено средно образование евидентирани се 2.079 лица, а трети по бројност се полу квалификуваните работници со 790 евидентирани. Со вишо образование работа бараат 302 лица, а факултетска диплома имаат 1.064 невработени.

Е.М