Во последните 24 часа се направени 1885 тестирања, а регистрирани се 141 нов случај на ковид-19, од што 2 нови во Охрид и 6 во Струга. Во најголемото жариште во земјата, Скопје, по вчерашните педесеттина, денеска се регистрирани 39 случаи. Дел од нив се поврзуваат со Охрид. Наводно петнаесеттина лица пријавиле дека неодамна престојувале на охридското крајбрежје, каде особено за продолжениот празничен викенд за Илинден имаше масовни собирања на плажи и отворено, но и во угостителските објекти.

Сепак епидемиолозите се внимателни во врска со било какви прогнози и проценки. Посочуват дека е многу тешко да се утврди кој каде се заразил и дали некој вирусот го добил во Охрид, можеби го имал претходно, а можеби се заразил на друго место. Охридските епидемиолози укажуваат дека масовните собирања се опасни дури и на отворено, доколку не се почитуваат мерките за заштита, како што беше тоа случај на охридското крајбрежје за време на празничниот викенд за 2 Август. Резултатите од таквото неодговорното однесување ќе се видат во наредниот период, сметаат тие.

Министерството за здравство информира дека изминатото деноноќие е регистриран еден смртен случај, пациентка (51г) од Скопје во болнички услови.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 161 оздравени пациенти, меѓу кои 3 од Охрид и 15 од Струга.

Досега во земјата се направени вкупно 117475 тестирања на ковид -19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 12083, бројката на оздравени пациенти е 8248, на починати е 529, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3306.

Г.М.