Денеска во просториите на Центарот за социјална работа во Охрид, Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, го отвори првото советувалиште за брак и семејство од вкупно планираните 11 во земјава.

Ресорниот министер истакна дека новото советувалиште ќе функционира на доброволна основа, преку кое на граѓаните ќе им се даваат бесплатни услуги со цел надминување на проблемите во бракот и семејството, при развод или помирување на односите помеѓу засегнатите страни.

Денеска го посетив Центарот за социјални работи во Охрид со цел да се запознаеме со тековните проекти кои ги реализираме како Министерство за труд и социјална политика и да го означиме почетокот на проектот – отворање на 11 регионални советувалишта за брак и семејства во земјава.  Можам да констатирам дека Центaрот за социјална работа во Охрид е подготвен да ја започне фунцкијата на ова ново советувалиште.“ – истакна ресорниот министер, Диме Спасов.

Тој додаде дека ова советувалиште ќе придонесе во надминувањето на проблемите и намалување на бројот на разводи во земјава, односно ќе биде во функција на зголемување на наталитетот.

Ќе можат да бидат вклучени и сите оние граѓани кои стапуваат во брак, со цел да се запознаат со нивните права и обврски дополнителтно. Овој проект го најавивме пред месец дена, спроведени се одлуки од Заводот за социјални дејности, а стручните лица кои се вклучени се практично најискусните работници од сите центри. Во наредниот период ќе продолжиме со овој проект во насока на отворање на останатите десет советулишта за брак и семејство во државава.“ – додаде Спасов.

Како што појасни Спасов, преку  отворањето на вакви советувалишта на граѓаните ќе им се овозможи бесплатна услуга во надминувањето на семејните односи.

Потребата ја согледавме бидејќи во државава започнаа да се отвораат приватни советувалишта кои ги наплаќаат своите услуги, а од друга страна има граѓани кои немаат финансиски средства, а имаат желба да ги подобрат своите семејни односи преку посетување на вакво бесплатно советувалиште.  Токму поради ова, даваме можност да помогнеме како Министерство за труд и социјална политика и Центри за социјлна работа, едноставно да бидеме поблиску до граѓаните и да им овозможиме бесплатна услуга во надминување на проблемите и предизвиците, односно во обезбедување на здрава и нормална средина за сите граѓани.“ – појасни Спасов.

Покрај Охрид, вакви советувалишта за брак и семејство ќе бидат отворени во поголемите градови ширум земјава како Битола, Велес, Св. Николе, Кочани и други.

О.Т.