Земјите од регионот на Југоисточна Европа ќе формираат заедничко Парламентарно собрание. Ова го договорија претстедателите на парламентите и нивните претставници на десетата јубилејна Конференција на претседатели на парламенти од земјите вклучени во процесот за соработка во Југоисточна Европа – ПСЈИЕ, која денеска заврши во Охрид.

-По 3-годишни активности и десет одржани состаноци, работната група со консензус успеа да усогласи повеќе документи кои се основа за формирање на новото регионално парламентрано тело. Очекуваме Парламентарното собрание за унапредување на процесот за соработка со Југоисточна Европа да придонесе за унапредување на соработката и координацијата на земјите учеснички, за претварање на регионот во зона на мир, стабилност, солидарност и добрососетска соработка во интерес на сите граѓани како и на Европа во целина.-изјави на завршната прес конференција претседателот на македонското Собрание Трајко Велјаноски.

Според земјите потписнички, иницијатвата ќе придонесе за побрза интеграција на регионот и ќе го зголеми угледот на државите од Југоисточна Европа.

Со оваа одлука земјите од Балканот и регионот покажаа дека можат да бидат заедно и да работат заедно и дека размислуваме за иднината. Со овој чекор сакаме да и ја покажеме на Европа нашата цврста заложба да овозможиме подобра иднина за нашите граѓани, а Парламемнтарното собрание е најдоброто место за дебата и изготвување на стратегија за идниот развој на регионот.-рече Валериу Згонеа – претседател на претставничкиот дом на Романија.

Учесниците на Конференцијата на претседатели на парламенти од земјите вклучени во процесот за соработка во Југоисточна Европа – ПСЈИЕ, усвоија заедничка декларација која ги содржи насоките на идната соработка и функционирањето на Парламентарното собрание кое ќе биде конституирано на конференцијата што ќе се одржи следната година во Букурешт, Романија. Во иницијатвата ПСЈИЕ партиципираат парламентите на Македонија, Албанија, Грција, Бугарија, Турција, Србија, Романија, БиХ, Хрватска, Словенија и Црна Гора.

OhridNews