Синоќа во Охрид се одржа иницијативен состанок за формирање на Здружение на приватните електронски медиуми на Република Македонија.


Новото здружение ќе се вика „Мак МЕДИА“, а според иницијаторите се формира за да се направи обид да се започне со решавање на наталожените проблеми во медиумската сфера.

– Потреба за вакво едно здружение постои веќе подолго време. Последните настани околу авторските права само како да ја прелија чашата кај колегите кои секојдневно живеат со сериозни проблеми. Освен неколку поголеми играчи кои претежно се во главниот град, локалните медиуми како да се маргинализирани, иако тие се една од најважните клетки за секој град. Ќе се обиедеме тие работи да ги исправиме, но на еден цивилизиран и институционален пат, вели еден од иницијаторите, директорот на охридското Супер радио Сашо Митаноски.

Здружението кое ќе биде регистрирано деновиве веќе го подржаа 22 медиуми од Охрид, Струга, Кичево, Битола, Прилеп и Македонски Брод.

Основна цел на здружението е да се создаде едно тело од професионалци во својата работа, кои ќе можат да посочат на конкретните проблеми со кои се среќаваат медиумите во државата, особено во помалите средини.

– Иницијалната каписла за создавање на ова здружение беа новите барања за наплата на авторски права од страна на здружението ММИ, но ние сакаме да направиме едно заедничко тело кое ќе се грижи за нашите интереси, интересите на помалите медиуми, кои само вака сплотени можат да се изборат за своето место под македонското медиумско сонце. Тука планираме да се оствари потесна соработка и на полето на размената на информации, вести, но и програмски содржини и конкретна соработка на полето на маркетингот, додава Митаноски.

Иницијативниот одбор најавува дека вратите на здружението се отворени за сите медиуми во Република Македонија кои ги делат истите визии, но и проблеми.

OhridNews