Бирото за јавна безбедност при македонското МВР и Италијанската  полиција денеска во Охрид потпишаа Меморандум за заедничка соработка. Протоколот со кој се предвидува формирање на заеднички македонско-италијански полициски тимови, со цел собирање и размена на информации во областа на трговија со дрога, го потпишаа директорот на бирото за јавна безбедност во Македонското МВР  Љупчо Тодоровски и директорот на италијанската полиција Антонио Манганали.


При тоа Тодоровски, упати покана до својот италијански колега да и се придружи на Асоцијацијата на шефови на полициите од земјите на Југоисточна Европа (SEPCA), која работи на зајакнување на  полициската соработка во поширокиот регион  во делот на размена на информации и податоци со цел успешна реализација на заедничките активности во борбата против трансграничниот криминал.


Директорот на италијанската полиција Антонио Манганали изрази задоволство од потпишаниот  Меморандум за соработка со македонската полиција, кој како што рече, е во интерес на двете оштества.

-Сметаме дека оперативниот Протокол кој штотуку го потпишавме ќе внесе нов имулс во справувањето со организираниот криминал и сите видови илегална трговија во нашите земји, рече Манганали.


Инаку, со потпишувањето на Протоколот беше означен почетокот на работата на Генералното собрание на SEPCA – Асоцијација на шефовите на полициите од земјите на Југоисточна Европа, со кој претседава Македонија.

OhridNews