Новиот  електронскиот софтвер за аплицирање и распределба на автобуски линии беше промовиран на работилницата што во организација на Здружението на превозници „Исток“ се одржува викендов во Охрид.

Новини во електронскиот систем се воведување на личен картон, можност за пребарување на возниот ред од страна на превозниците за да имаат увид кој превозник на која релација сообраќа, можност за електонски увид од страна на патниците за типот на возилото со кое ќе се одржуваат линиите.
 
Личниот картон содржи база на податоци од лиценцираниот превозник односно вид и број на лиценца, број на возила на превозникот, број на возачи вработени кај превозникот и извод од лиценца за возилата на име на превозникот. Ова значи дека секој граѓанин ќе има можност да види кој превозник се ообраќа на определена линија, кога е поаѓањето и враќањето и низ кои населени места поминува. Исто така, може да се даваат забелешки за превозот.
 
Превозниците ќе имаат можност за увид во личниот картон на фирмата 24 часа во денот, 7 дена во неделата. Освен континуиран увид во нивниот личен картон преку целата година, со корисничкото име и лозинката превозниците ќе имаат можност за влез и за аплицирање во електронскиот систем кога истиот ќе биде оперативен, по објавувањето на јавниот оглас за одобрување на возни редови за нови линии или промена на возни редови на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот линиски превоз на патници, кој ќе биде распишан два пати во тековната година и тоа на 1 – ви март и на 1 – ви септември.
 
Со цел регулирање на областа на превозот, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам континуирано презема мерки за санкционирање на превозниците кои ги прекршуваат одредбите од Законот за превоз во јавниот сообраќај, а доколку се констатираат определени недостатоци кај превозниците кои сообраќаат на распределените автобуски линии е пропишано дека може да биде одземена линијата, односно превозникот нема да може повеќе да сообраќа на истата. Во периодот од почетокот на оваа година до сега по основ на прекршување на законските одредби на 10 превозници им е изречена мерка за времено одземање на возилата со кои нелегално е вршен превоз, а во тек е постапувањето по 60 предмети за времено одземање на возилата, информираат од Министерството за транспорт и врски.

OhridNews