Капетанија на пристаништа Охрид, Хрватскиот регистар на бродови и компанијата iCat, вчера, во Охрид извршија презентација на првиот патнички брод во регионот на сончев погон, babyCat. Бродот е изработен од композитни материјали, го движат електрични мотори, кои се напојуваат од сончева енергија која се акомулира во литиумски батерии.

  • Овој пловен објект се нарекува и брод на иднината. Има нулта емисија на штетни гасови, беззвучен е, се полни како преку приклучоци на копно, така и преку соларни панели кои се вградени на кровот и кои овозможуваат голема автономност. Ги исплонува сите еколошки стандарди кои ги наметнуваат и критериумите на УНЕСКО, во однос на бучава, загадување, објаснува Мишо Мацора инспектор од Хрватскиот регистар на бродови.

На идејата за изградба на еден ваков ваков брод компанијата iCat работела неколку години. Пловилото чини неколку стотина илјади евра.

  • Бродот може да вози 200 километри без надополнување, што е доволно за целодневна пловидба. Брзината на движење е од 5 до 6 чворови, а максималната брзина 9 чворови, што значи 17 километри на час. Проектиран е за 54 патници плус две особи со инвалидитет, но може да прими и до стотина патници. Ова е секако нашата иднина, електричните бродови се слични како и електричните автомобили се надевам во некоја блиска иднина дека се повеќе ќе се користат. Во Хрватска веќе се планира цел превоз покрај обалата да се врши со вакви бродови. Сето тоа не можат да го направат бродарите, мора да има поддршка и од страна на владата, локалната самоуправа и средства од Европски фондови, вели Томислав Урода, сопственик на компанијата iCat, производител на бродот.

Вакво пловило за Охрид би значело многу со оглед на тоа дека има нулта стапка на загадување, смета капетанот Горан Устијаноски.

  • За Охрид би значело многу и за секое заштитено подрачје со оглед на тоа дека нема загадување при користењето на овај брод. Нема никакакви штетни последици врз животната средина. Се зависи дали ќе има инвеститори и дали има интерес од државата. Сепак нашата фела треба да ја види оваа технологија, овој производ кој нуди можност за комерцијална употреба со голема безбедност и исплатливост на инвестицијата, вели Устијаноски.

Градоначалникот Константин Георгиески потенцира дека користењето на современ транспорт, погоден за животната средина, е меѓу главните предизвици на актуелната локална валст.

  • На оваа тема сме разговарале со претставници од ЕУ, особено со Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка на делегацијата на ЕУ, кој е застапник на идејата да воспоставиме линија Охрид- Поградец при што ќе се користи соларен брод. Ќе пристапиме уште оваа пролет со набавка на електрични возила за стар град кои ќе се планирани во буџетот на општината за 2020. Се надевам дека ќе можеме да планираме и за некоја следна прилика средства и за соларен брод, изјави градоначалникот Георгиески.

Користењето на соларни пловила, „бродови на иднината“, е се поголемо во земјите со развиен туризам и свест за заштита на животната средина. Во Хрватска засега има само два вакви бродови кои се користат во Националниот парк Млет, а трет е во фаза на испорака.

Т.Кувенџиска