Само две лица во Охрид се регистрирани како бездомници, според евиденцијата на Центарот за социјална работа. Исклучиво граѓаните кои немаат каде да живеат, односно немаат роднини кои можат да им помагнат, спаѓаат во оваа најранлива социјална категорија. За двата случаи, преземени се неопходните активности од страна на оваа надлежна институција, со цел да им се помогне не само во студениот период кој претстои, туку на подолгорочен план.
Како што потенцираат од Центарот за социјална работа, едното лице е српски државјанин кој моментално се наоѓа во градот. Потребно е да се утврди неговото државјанство, бидејќи според законската регулатива може да се помогне само на лицата кои се државјани на земјава.
„За српскиот државјанин известено е Министерството за труд и социјална политика, кои во согласност со Министерството за внатрешни работи го испитуваат идентитетот на ова лице. Целта е да се утврди неговото државјанство, односно неговиот статус во земјава. Штом добие статус на привремен или постојан престој, ќе може да биде сместен во Центарот за странци во Скопје. Но постои и таа можност, во согласност со Министерството за надворешни работи, да биде преземно од неговата матична земја. Активностите се при крај, а веднаш штом добиеме потврда од надлежните институции, ќе реагираме соодветно.“ – велат од Центарот за социјална работа од Охрид.
За второто лице се преземаат активности да биде сместено во Домот за стари лица. Неговата здравствена состојба во моментов е влошена, а по иницијатава на оваа установа е однесено на лекување. „Иако ова лице не сакаше да биде сместено во Домот за стари, поради влошената здравствена состојба прифати да му биде обезбеден топол дом. Така да, во најкраток период откако ќе излезе од болница, ќе биде упатено во таа институција.“ – истакнуваат од Центарот за социјална работа.
Согласно мерките на Владата за студениот бран, за случаите во Охрид известени се и Центарот за управување со кризи и други надлежни институции кои се пoдготвени да одговорат доколку е потребна помош. „Двајцата се наведени како лица под ризик и доколку залади, ќе се преземат сите неопходни мерки да бидат згрижени соодветно. Ние ги следиме во секое време, а изготевена е листа со други вакви граѓани кои спаѓаат во таа ризична група. Како и да е, ситуацијата е под контрола. “ – додаваат од Центарот за социјална работа.
И општинската организација на Црвениот крст од Охрид е подтовена да одговори на предизвиците, вклучувајќи се во сите неопходни активности како би им помогнале на најранливата категорија граѓани. „Црвениот крст како и секоја година, во рамки на своите можности излегува во пресрет на овие лица, по барање на државните институции. Со оглед на тоа што за оваа година најавени се ниски температури и студена зима, ние сме подготвени да се вклучиме со сите расположливи средства.“- вели Антонио Додевски, од општинаската организација на Црвениот Крст.
Тој потенцира дека на граѓаните кои се во лоша економска состојба, им се помага преку бројните хуманитарни акции кои редовно се организираат . „Апелираме до сите оние кои имаат потреба од топла облека, да се обратат слободно кај нас. Имаме доста текстилни производи кои ги донираа нашите хумани граѓани, а во секое време можат да дојдат и да ги земат. Исто така, се трудиме да обезбедиме доволен број прехранбени пакети, кои иако се еднократни, можат да помогнат на нашите сограѓани во овие лоши периоди. “ – додава Додевски.
Инаку, доколку едно лице е оставено на улица, а при тоа нема ниту еден жив член од потесното семејство, спаѓа во категоријата бездомни лица.
O.T.