„Повторниците во криминалитетот и нивна ресоцијализација“ е темата на тркалезната маса, што по иницијатива на секторот за внатрешни работи Охрид, денеска ќе се одржи во одморалиштето на МВР во Охрид.
Средбата ќе биде можност за отворена дискусија и размена на искуства за проблемот на повторниците во криминалитетот и обид за мултиресорски пристап во изнаоѓањето на посоодветни институционални решенија за овој проблем.
Со нивната имплементација, би се постигнал повисок степен на безбедност во општествената заедница, намалување на стапката на криминалитет и би се промовирала заедничката активност на сите надлежни институции како јавни сервиси во служба на граѓаните, со цел превенирање на повторното инволвирање на тие лица во криминални и други девијантни активности, велат организаторите на средбата.
На денешната тркалезна маса, покрај претставниците на секторот за внатрешни работи Охрид, учество ќе земат претседателите на основните судови и јавните обвинителства од Охрид, Струга, Кичево и Дебар, судии за извршување санкции, претставници од казнено-поправните установи од Скопје, Охрид и Струга, од центарот за социјални работи како и лица од мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.