Вкупно 15 невладини организации од 11 градови на Република Македонија деновиве во Охрид градат заедничка Стратегија за мониторинг и превенција на судир на интереси. Утврдувањето на оваа стратегија е дел од проектот „Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси“ кој го спроведува Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје, во партнерство со „Охрид институтот за економски стратегии и меѓународни односи“ и „Македонскиот институт за медиуми“.
-Главна цел на проектот е да ги зајакне улогата и придонесот на граѓанското општество како значаен актер во реформите на јавната администрација преку градење на капацитети, вмрежување, мониторинг и застапување. Покрај тоа, проектот опфаќа и истражувачки активности кои ќе го проценат напредокот на Република Македонија во реформата на јавната администрација, но и ќе го измерат мислењето на граѓаните и нивното задоволство од ЕУ-реформите во повеќе области преку испитување на јавното мислење, информираат партнерите на проектот.
Тие потенцираат дека во рамки на проектот ќе биде промовирана и Мрежата на граѓански организации кој ќе има за цел да го спречи судирот на интереси во јавната администрација и да придонесе кон ЕУ-интеграцијата на Република Македонија.
OhridNews