„Саем на социјални претпријатија“ се одржа денеска во Охрид, во организација на проектот на ЕУ „Поддршка на социјалните претпријатија“, имплементиран од Ептиса, Барка, Екорис, Регионалниот центар за социјални претпријатија Фондацијата за поддршка на претпријатија ЕСА Охрид, каде корисник е Министерството за труд и социјална политика.

Социјалните претпријатија кои беа присутни на саемот преку економски активности прават добро за општеството, тие вработуваат маргинализирани групи и го реинвестираат својот профит со цел решавање на одредени општествени проблеми. – велат организаторите.

Тие презентираа услуги и производи кои ги нудат со цел да придонесат кон својата одржливост. На саемот во Охрид беа организациите „Порака Нова“, Коалиција за рурален развој „Наша тезга“, Здружение на родители на деца со посебни потреби „Тајните на моето срце“, хотел „Далјан“, „Брзо и здраво“ и други.

Граѓаните ги видоа нивните производи и се запознаа со нивата работа, гледајќи од блиску што значи да се биде социјално претпријатие.

„Социјалната економија е нов тренд во светската економија чиј фокус е насочен кон подобрување на егзистенцијалните услови на ранливите категории граѓани. Оваа категорија граѓани се дел од нашето секојдневие и тие заслужуваат да добијат вистинска шанса, особено поддршка во борбата за достоинствен живот кој самите тие ќе можат да го обезбедат со цел подобрување на иднината за нивните семејства. Социјалното претприемништво е еден од начините за постигнување на ваква социјална хармонија и економска стабилност за сите граѓани“, изјави Перчо Божиновски претставник на Општина Охрид.

На настанот се обрати и тим лидерката на проектот, Барбара Садовска која изјави дека со оглед на постојните социјални претпријатија и заинтересираноста на посетителите силно верува дека во овој регион ќе има одличен развој на полето на социјалната економија.

На настанот беа присутни и градоначалници од Европската Унија кои разменија искуства со присутните.

OhridNews