На денешното отварање на конференцијата која ќе трае наредните три дена, директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) Роберт Орданоски, истакна дека собирот претставува можност учесниците да го презентираат сработеното во првите месеци на оваа 2011 година, како и своите ставови по одредени прашања од областа на регулативата и состојбите на пазарот за електронски комуникации.
На првиот ден од конференцијата ќе бидат презентирани новитетите во работата на АЕК и предвидените проекти, додека пак во текот на утрешниот ден на конференцијата ќе се дискутира за развојот на информатичко-телекомуникациската технологија во Македонија. Последниот ден е резервиран за меѓународната регулаторна политика во областа на телекомуникациите.
– На Меѓународниот регултаторен ден со претставниците од ЈИЕ ќе разговараме за новата генерација активности за регулирање на пазарот во регионот, како обид за заедничко делување, да носиме заеднички одлуки и да работиме како едно тело, изјави Орданоски. Тој додаде дека идните планови се насочени кон побрз развој на електронските комуникации, како и кон стимулирање на новите технологии и поголем развој на економијата и на општеството во целина.
Дел од ингеренциите на Агенцијата за електронски комуникации е и регулирање на големопродажните цени меѓу операторите. Како што информира Орданоски, од утре се започнува со регулирање и на пазарот на СМС-пораките. – Утре ќе ги објавиме новите цени, кои секако ќе бидат пониски од досегашните, изјави првиот човек на АЕК.