Матичниот регистар на родени, венчани и починати лица за подрачјето на Општина Охрид од 1-ви јануари 2014 година ќе се води електронски. Ова го најави директорот на Управата за водење на матични книги, Ашим Зеќироски во рамки на „Отворениот ден на Управата за водење на матични книги“ што се спроведуваше денес во Охрид.
-Софтверот за матичните книги на родени, венчани и починати е веќе воспоставен во Охрид. Овој град е опфатена во правата фаза за воведување на електронска матична евиденција. Ваква матична евиденција од наредната година ќе има и во уште 12 други градови во Република Македонија, изјави Зеќироски.
Тој очекува дека преку проектот ,,Отворени денови на Управата за водење на матични книги“ одблиску ќе ги запознаат потребите на граѓаните и проблемите со кои тие се соочуваат во рамки на матичната евиденција.
-Преку овој проект имаме цел да оствариме непосреден контакт и средби со вработените и со граѓаните како крајни корисници на нашите услуги. Непосредниот контакт ни нуди одлични услови за да се запознаеме со тековните проблеми и да најдеме решенија за истите. Да ги чуеме и пофалбите и критиките доколку ги има, појасни Зеќироски.
Тој нагласи дека преку овој проект очекува граѓаните да дадат и свои идеи кои би можеле да се вметнат како новини во реботењето на управата, со цел истата да може да понуди модерна и ефикасна услуга.
Е.М