Голем број православни верници денеска ја исполнија катедралната црква „Света Софија“ и беа дел од света архиерејска литургија по повод возобнувањето на празникот посветен на „Свети Константин Кавасила Архиепископ Охридски“, кој почнувајќи од годинава ќе се празнува секој 31-ви октомври според календарот на Македонската Православна Црква.

Со празнување на овој празник МПЦ го возобновува и култот што во минатото народот го имал за овој светител, кој бил достоен продолжувач на делото на свети Климент Охридски. Свети Константин Кавасила  бил на чело на Охридската архиепископија во средината на 13 век, во периодот по 1250 година до 1263 година. Овој светител во минатото бил почитуван и славен не само во рамките на Охридската Архиепископија туку неговиот култ се пренел дури и до Света Гора Атонска, но поради одредени историски услови култот за него бил искоренет.

-Како добар пастир на црквата многу пати покажал дека е подготвен да ја положи и душата своја за своето стадо. Притискан, уценуван и затворан Свети Константин мажествено трпел се, непрестајно славјеќи го бога и плетејќи ги своите молитвени приноси кон Господа и кон неговите угодници. За жал историските прилики се причина до нас да стигнат мал број податоци за животот и делото на овој значаен архипастир на Охридската архепископија. Овој навидум подзаборавен арехепископ никогаш не избледел целосно од сеќавањата на црквата Христова. Денес со споредување на познатите податоци за него се добива солидна слика за неговиОт живот и дело, појасни телогот Виктор Недески.

Помеѓу историските записи за неговото делување во Охридската архепископија е забележан и податок дека Свети Константин Кавасила подарил една христова икона на соборниот храм „Света Софија“ во Охрид во перидоот од 1263 до 1264 година.

-Свети Константин се упоколил во Охрид на 18 односно на 31-ви октомври и бил погребан во архепископската гробница во „Света Софија3, која подоцна била уништена од османлиите. Неговото прославување започнало по неговото упокојување, па така неговито свет лик бил насликан во Богородичниот храм „Перивлепта“ и тоа веднаш до Свети Климент. Исто така Свети Константин е насликан и на олтарите во охридските цркви „Свети Јован Канео“ како и „Мали Свети Врачи“, истакна теологот Недески.

Повеќе детали за ликот и делото на овој значаен светител, верниците може да прочитаат во рамки на книгата „Свети Константин Кавасила Архиепископ Охридски“ која ја издаде МПЦ и која може да се набави во дел од охридските храмови.

Исто така Дебарско-кичевската епархија по денешната света литургија на верниците им подели кратки извадоци од биографијата на Свети Константин, а заедно со нив беа поделени и мали икони со ликот на овој светец.

Е.М