Деновиве во Охрид започна летниот камп „Ја сакам Македонија“, на кој што учестуваат 35 ученици, припадници на на македонското национално малцинство и посетители на курсевите по македонски јазик организирани од заедниците и друштвата на Македонците во Србија, Албанија, Косово и во Бугарија, а во организација на Министерството за надворешни работи од земјава.

За улогата и значењето на мајчиниот јазик во одржувањето на личниот, националниот и културниот идентитет пред учесниците на Летниот камп предавање ќе одржи и министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Исто така, во седумдневната програма предвидено е учесниците на Летниот камп да ги посетат културно – историските знаменитости во Охрид и охридското крајбрежје, како што се Музејот на вода – залив на коски во месноста Градиште, манастирскиот комплекс Св. Наум Охридски, како и Самуиловата тврдина, црквата “Св. Пантелејмон” на Плаошник и Куќата на Робевци во Охрид.
Со цел продлабочување и проширување на знаењата како и зближување на учениците припадници на македонското национално малцинство од балканските земји и учениците Македонци од дијаспората, а согласно програмата за работа на Министерството за надворешни работи, предвидено е следната година Летниот камп – 2014 да биде надополнет со ученици Македонци од дијаспората.
OhridNews











