Од 1- ви октомври охридската библиотека ќе го реализира проектот, насловен, “Најубави детски бајки“, наменет за деца од предучилишна возраст. Целта на истиот е да се поттикне оваа популација да доаѓа во библиотека т.е. од најмала возраст да се поттикне љубовта за дружба со книгата.


– За таа цел ги набавивме луксузните изданија на сликовници од издавачката куќа “Просветно дело“. Бајките ќе се читаат секоја среда напладне, во просториите на библиотеката, а истите ќе бидат поткрепени со слики кои ќе бидат прожектирани во позадина. На тој начин ќе се создаде една убава атмосвера блиска за детскиот свет, вели директорката на библиотеката „Григор Прличев“, Александра Белеска.

Она што е поинтересно за учениците од средно образование и за повозрасните љубители на пишуваниот збор, е што од октомври повторно ќе биде активиран со работа Литературниот Клуб. Сите лица кои сакаат да членуваат во овој клуб, може да се пријавуваат во просториите на библиотеката најдоцна до 15-ти септември.
   
Библиотеката повторно го збогати својот книжен фонд со 20 нови наслови. Од викендов може да се позајмуваат светските хитови,“ Дувачот на стакло од Морано“ од Марина Фиорато, “Тајниот јазик на цвеќињата“ од Ванеса Дифенбо, “Тајните писма на калугерот што го продаде своето ферари“ од Робин Шарма, “Долна земја“ од Џозеф О Нил и многу други. Обовени се лектирните изданија за сите одделенија, а детското одделение се збогати со најновите луксузни изданија на сликовници од издавачката куќа “Просветно дело“, “Приказни за добра ноќ“, “Приказни за принцезите“  и “Волшебната шума“ од Тони Вулф.

OhridNews