Охридските советници едногласно ја усвоија предлог одлуката за давање согласност за зголемување на бројот на воспитни групи на деца во детската градинка ЈОУДГ ” Јасна Ристеска”. Со тоа се овозможи да се намали бројот на деца кои чекаат да бидат згрижени во градинките во Охрид, а кој од година во година е се поголем.

Со доградбата на трите нови простории во централната градинка и уште две во останатите објекти годинава се создадени услови за згрижување на поголем број деца. Интересот постојано се зголемува, но поради просторната ограниченост не бевме во можност да одобриме запишување на сите кои имаат интерес за тоа. Годинава наместо досегашните 600, се создаде можност да се згрижат уште 150 деца, информираат од локалната самоуправа.


Новите простории во централниот објект на градинката „Јасна Ристеска“ се во завршна фаза и  наскоро се очекува да бидат отворени и во нив да бидат згрижени новозапишаните охриѓанчиња.

Од Министерството за труд и социјална политика во неколку наврати беше кажано дека во поголемите градови низ земјава, меѓу кои и Охрид, бројот на слободни места во државните градинки се пополнува уште во месец јуни.
Според Законот за детска заштита, една негувателка треба да згрижи осум деца, но во практиката оваа бројка е многу поголема.

Она што е од особен интерес за родителите е најавата од надлежното министерство дека нема да дојде до покачување на висината на износот за згрижување во градинките кој сега изнесува 1490 денари.

Т. К.