Во основните училишта во општина Охрид утрово свечено започна новата учебна година. Вкупно 511 првачиња ги запознаа своите учителки со чија помош во наредните години ќе го стекнат своето основно образование.

По повод првиот училишен час главната свеченост се одржа  ОУ „Христо Узунов“  каде на првачињата успех во школувањето им посака и градоначалникот Никола Бакрачески.

Им посакувам среќа и успешно совладување на наставните програми. Нивните учители ќе вложат напори овој премин од нивното детство што полесно да го прифатат и што полесно да се прилагодат кон новата средина на знаења и учење и ќе им овозможат на првачињата да го засакаат училиштето, своите другарчиња и да ги прифатат своите учители и програми, рече градоначалникот.

Бакрачески истакна дека денес наставата во сите училишта во Охрид започна непречено и потсети на бројните зафати кои од страна на локалната самоуправа беа преземени во изминатиот период се со цел подобрување на условите за работа во образовните установи во општината.

Образовниот систем за нас како локална самоуправа претставува еден од основните столбови за градење на заедницата и затоа има посебно место во програмата за работа на општина Охрид. Изминатата година беа реализирани бројни зафати, во рамки на можностите,  за подобрување на условите за работа. Со проектот за меѓуетничка интеграција со поддршка на  УСАИД и општината се изврши реконструкција на ОУ „ Братство и единство“  каде беа обновени санитарните  јазли, прозори,во ОУ „Кочо Рацин“  се  врши замена на кровната конструкција и санитарните јазли, се изврши реконструкција и  на ОУ „ Живко Чинго“ во Велгошти. Во летниот распуст  се изврши фарбање во сите училишта, хортикултурно уредување на дворовите, додаде Бакрачески.

Директорот на ОУ „ Христо Узунов“, Тони Симоноски потенцира дека се преземени и сите мерки за превенција од зараза од жолтица согласно насоките дадени од министерството за здравство.

Уште денес  разделени се налепници, извршена е  дезинфекција на просториите, на првиот  час ќе се даваат упатства за одржување на хигиена, а особени контроли се преземаат во однос на хигиената на тоалетите, рече Симоноски.  

Денес градоначалникот Бакрачески беше и меѓу основците од ОУ „ Живко Чинго“ на кои им посака успешен почеток во новата учебна година.

Во општина Охрид денес за прв пат во училишните купи седнаа 511 првачиња, што е за 50 помалку споредено со минатата година. Од локалната самоуправа негираат дека бројот на првачиња во општина Охрид годинава е за 20% помал, како што беше информирано во дел од медиумите.

OhridNews